Исник Алими стана сензационален шампион на Кина!

81

Екипата на Далиан Јингбо, предводена од нашиот репрезентативец Исник Алими, е херојот на истокот и новиот шампион на Кина! На сензационален начин, тимот на македонскиот фудбалер стигна до шампионската титула, во едно од најневеројатните финалиња на сезоната, ова е прва титула во историјата на овој клуб.

Утрово се случи вистинска фудбалска сензација. Исник Алими и неговите соиграчи во последното коло славеа со 3:1 на домашен терен против Тијанџин, додека дотогашниот лидер Ченгду загуби на гостувањето кај Шандонг со 3:2, иако му беше потребен само еден бод за да ја обезбеди титулата.

Алими, кој е еден од најдобрите, ако не и најдобар фудбалер во составот на Далиан, има огромна причина за славје. Покрај шампионскиот пехар, неговиот тим обезбеди и пласман во Азиската Лига на шампионите. Интересно е што Далиан до титулата стигна благодарение и на неверојатниот пад на Ченгду, кој имаше предност од 12 бодови пред ривалите, но ги загуби последните четири натпревари во шампионатот.

Двата тима ја завршија сезоната со идентични 52 бода, но поради подобриот меѓусебен скор, шампионскиот пехар му припадна на тимот на Исник Алими.

Кога сме кај македонскиот репрезентативец, тој беше стандарден кај Благоја Милевски и со своите игри и квалитет се наметна како добра и достојна замена за Аријан Адеми. Зад себе има одлична сезона во Кина, со 27 настапи и два гола, но и просечна оценка од 8,2 – бројка каква што може да посакаат многу од нашите актуелни репрезентативци.

Сепак, Исник Алими е една од жртвите на „подмладувањето“ на Гоце Седлоски. Иако има 32 години, тој не се најде во плановите на актуелниот селектор на Македонија, кој го подмладува средниот ред со фудбалери кои се само неколку месеци помлади од Алими.

Но, бројките и резултатите говорат сами за себе. За оние кои можеби не знаат, италијанска Аталанта од Бергамо своевремено платила еден милион евра за овој фудбалер!

Како и да е, Исник Алими веќе влезе во историјата како првиот македонски фудбалер кој освоил шампионска титула во Кина!

ПретходноДрама на имотот на Леброн Џејмс: Обезбедувањето повикало полиција, уапсениот изнел неверојатно тврдење!
СледноРаботнички нема намера да застане – оди по „шест од шест“ пред вечното дерби!