Фудбалската репрезентација на Македонија денеска ќе го одржи официјалниот собир пред претстојните натпревари против Шкотска и Словенија во рамките на УЕФА Лигата на нации.
Селекторот Гоце Седлоски за овие два дуела повика 26 фудбалери. Во репрезентативниот состав се враќаат Дарко Чурлинов, Имран Фетаи, Стефан Деспотовски и Никола Серафимов.
Македонија на 13 ноември гостува кај Шкотска во Глазгов, додека три дена подоцна, на 16 ноември, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе ја пречека Словенија.
Денешниот собир ќе го означи почетокот на подготовките за двата последни предизвици на македонската селекција во ова издание на Лигата на нации.










