Успешно заврши проектот „Допри го голот“ – фудбал за секое дете

0

Во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје се одржа завршната конференција на проектот „Допри го голот“ (Touch the Goal) – Фудбал за секое дете, реализиран од ОУРЦ „Иднина“, со финансиска поддршка од УЕФА Фондацијата за деца.

На настанот беа презентирани активностите, искуствата и резултатите од едногодишната реализација на проектот, чија основна цел беше создавање можности за поголема вклученост на децата со атипичен развој во фудбалот и спортските активности, преку развој на инклузивни практики и унапредување на капацитетите на наставниците и стручните лица.

Со поздравни обраќања конференцијата ја отворија директорката на ОУРЦ „Иднина“, Лорета Андреевска, и Ирена Бакревска Милошевска од Одделот за социјална и еколошка одржливост при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), кои ја истакнаа важноста на проектот и потребата од создавање спортска средина во која секое дете ќе има можност да учествува, да напредува и да се чувствува прифатено.

Во рамките на конференцијата беа претставени реализираните активности во изминатата година, со посебен акцент на обуката на наставниците и стручните соработници во училиштата. Целта беше преку конкретни алатки, знаења и методологии да се создадат услови за долгорочна примена на инклузивните практики, не само во рамките на проектот, туку и во секојдневната работа на училиштата и спортските клубови.

Еден од најзначајните резултати е промоцијата на прирачникот „Практичен водич за создавање инклузивни спортски средини преку фудбал“, претставен од Катарина Величковска и Ирена Новаческа-Макалоска. Прирачникот, достапен на македонски, албански и англиски јазик, претставува практична алатка за наставниците по физичко образование, тренерите, фудбалските школи и клубовите.

Преку конкретни активности и методи, прирачникот нуди насоки како тренинзите и спортските активности да се приспособат за децата со атипичен развој, со цел нивно полесно вклучување и рамноправно учество. Истовремено, тој содржи алатки за развој на фудбалските вештини, комуникацијата и тимската соработка кај групите составени од деца со атипичен развој.

„Проектот „Допри го голот – Фудбал за секое дете“ завршува, но неговите придобивки ќе продолжат да живеат преку користењето на прирачникот создаден во изминатата година. Тој е наменет за сите фудбалски школи и тренери кои работат со деца. Со примена и приспособување на активностите и алатките што ги содржи, тренерите ќе можат да им дадат поддршка на децата со атипичен развој и да им овозможат полесно да се вклопат и рамноправно да учествуваат во тренинзите и натпреварите. Ги повикуваме сите клубови, школи и тренери да го користат прирачникот и да создаваат средини во кои секое дете ќе има можност да игра, да напредува и да се чувствува дел од тимот“, истакна Ирена Бакревска Милошевска од ФФМ.

„Знаевме дека успехот на проектот зависи пред сe од луѓето кои секојдневно работат со децата. Затоа нашиот прв фокус беше обуката на наставниците и стручните соработници. Не сакавме само да организираме спортски активности, туку да оставиме знаење, конкретни алатки и капацитети кои ќе продолжат да се користат и по завршувањето на проектот. Прирачникот е еден од највредните резултати во таа насока. Веруваме дека неговата примена ќе отвори врати за уште повеќе деца да бидат дел од фудбалот и спортот“,истакна Лорета Андреевска, директорка на ОУРЦ „Иднина“.

Присутните имаа можност да го проследат и документарниот филм „Touch the Goal“, кој ги пренесува искуствата и приказните од реализацијата на проектот, по што следуваше панел-дискусија на која беа споделени примери од теренот, искуства од врсничката поддршка и успешни практики за инклузија преку фудбалот.

Во проектот беа вклучени вкупно 10 основни училишта, односно ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, како носител на проектот, и ООУ „Киро Глигоров“ од Центар, ООУ „Живко Брајковски“ од Бутел, ООУ „Имри Елези“, ООУ „Васил Главинов“ и ООУ „Тефејјуз“ од Чаир, ООУ „Кочо Рацин“ од Петровец, ООУ „Христијан Карпош“ и ООУ „Магдалена Антова“ од Куманово, ООУ „Илинден“ од Крива Паланка и ООУ „Кочо Рацин“ од Кратово.

Преку проектните активности беа опфатени 130 ученици, а 18 наставници по физичко и здравствено образование (ФЗО) поминаа обука за примена на инклузивни методологии и активности во наставата и спортската практика. На тој начин, проектот не се фокусираше само на непосредното вклучување на децата во фудбалот, туку и на едукација на кадарот кој ќе продолжи да ги применува стекнатите знаења и по завршувањето на проектот.

Настанот заврши со доделување благодарници на училиштата, поддржувачите и соработниците кои придонесоа за успешната реализација на проектот.

Иако „Допри го голот“ официјално завршува, неговата мисија продолжува преку знаењето, прирачникот и практиките што остануваат како основа за понатамошно развивање на инклузивниот спорт.

Проектот уште еднаш потврди дека фудбалот е многу повеќе од игра, тој е простор за прифаќање, еднаквост, поддршка и заедништво. Затоа што најголемите победи не се мерат со резултатот на семафорот, туку со можностите што ги создаваме за секое дете. Фудбалот е за секое дете. А најголемиот успех е кога победуваме заедно.

ПретходноВнукот на Јохан Кројф повикан да игра за САД!(ФОТО)