Бразил загуби од Јапонија со 3:2, а драматичната завршница донесе црвени картони за Рафиња и селекторот Карло Анчелоти.
Рафиња по вторпат во кариерата ја носеше капитенската лента на бразилската репрезентација, откако поради повреда надвор од стројот беше Маркињос, кој е капитен на националниот тим од 2021 година. Сепак, дебито во оваа улога не мина онака како што посакуваше фудбалерот на Барселона.
И покрај двата гола на Винисиус Жуниор, Бразилците мораа да му честитаат на азискиот ривал, а самиот финиш на натпреварот донесе дополнителна нервоза. Рафиња доби директен црвен картон поради приговори кон судијата, а истата судбина го снајде и селекторот Карло Анчелоти.
Капката што ја прелеа чашата беше голот на Јапонија во 90. минута, со кој „самураите“ стигнаа до победата. Во бразилскиот табор сметаа дека на акцијата ѝ претходел прекршок во напад, поради што бурно реагираа и бараа погодокот да биде поништен.
Судијата, сепак, не ја промени одлуката, туку поради протестите ги исклучи Рафиња и Анчелоти.
По натпреварот, видно разочараниот капитен на Бразил не го криеше незадоволството од судењето, но истовремено се извини за своето однесување.
„Пред сè, сакам да се извинам за црвениот картон. Сепак, понекогаш е тешко да се контролираат емоциите по сите судиски грешки. Неколкупати се обидов да разговарам со судијата, но тој не сакаше ниту да ме сослуша. Тоа е неприфатливо. Денеска игравме против судијата“, порача Рафиња.
Неговото исклучување ќе има и конкретни последици. Според правилата на ФИФА, црвениот картон добиен на пријателски натпревар повлекува суспензија за следниот пријателски дуел.
Тоа значи дека Рафиња нема да може да настапи за Бразил на натпреварот против Сингапур, закажан за вторник, 17 ноември.










