Руската тенисерка Мира Андреева го освои завршниот мастерс, откако во финалето ја совлада Украинката Елина Свитолина со 7:5, 6:3. Со тоа стана првата тинејџерка по Марија Шарапова во 2004 година на која ѝ успеало да го освои ова натпреварување.
Андреева имаше импресивна недела, во која не загуби ниту еден сет против најдобрите тенисерки во светот. Одличниот настап го круниса со победа во финалето, кое го реши по час и половина игра.
Првиот сет донесе голема борба. Русинката спаси три брејк-топки и не ѝ дозволи на противничката да ја преземе контролата. Свитолина успеа да се врати од 5:3 на 5:5, но Андреева веднаш возврати со брејк, а потоа со сигурен сервис го освои сетот.
На почетокот на вториот сет Украинката го загуби сервисот, но брзо возврати и ја врати неизвесноста. Сепак, Андреева продолжи да го наметнува своето темпо и во завршницата поведе со два брејка предност. Свитолина успеа да намали на 4:3 во најдолгиот гем на натпреварот, но Русинката не дозволи пресврт и мирно го приведе финалето до крај.
Покрај престижниот трофеј, Андреева освои и значителна парична награда. За победата во финалето ѝ припаднаа 1,64 милиони долари, додека вкупно за време на турнирот заработи 3,37 милиони долари.
На Русинката ѝ беше врачен и трофејот „Били Џин Кинг“, кој ѝ го предаде една од основачките на ВТА организацијата. Покрај тоа, доби и виолетов кабриолет „Мерцедес-Бенц СЛ 550“.
Пред почетокот на турнирот Андреева откри дека сè уште нема возачка дозвола, но вети дека доколку ја освои титулата, ќе најде некого кој ќе ја однесе со автомобил до рестораните „Чизкејк Фектори“ и „Ин-ен-Аут“.
„Ова ми е голема мотивација што побрзо да полагам за возачка дозвола“, изјави таа со насмевка.
Со овој успех Андреева се приклучи на одбраното друштво тинејџерки кои го освојувале завршниот мастерс. Пред неа тоа им успеало на Крис Еверт (1972), Трејси Остин (1980), Штефи Граф (1987), Габриела Сабатини (1988), Моника Селеш (1990, 1991 и 1992), Мартина Хингис (1998), Ким Клајстерс (2002) и Марија Шарапова (2004).










