Срамота е да се губи, срамота е да се игра кукавички – а уште поголема срамота е да се нема образ и да се каже – ДОСТА Е!
Гоце Седлоски и оваа негова Македонија ја донесоа репрезентацијата на самото дно, ја враатија 25 години назад во времето кога исто така бевме очајни и безнадежни, но барем тогаш на среќа ќе дадевме некој гол, ќе „скиневме“ некој бод и тоа на големи селекции како Турција (3:3), Англија (2:2, 0:0), Холандија (2:2)…
А, сега…!? Само порази и порази, од дебакл во дебакл… И сето тоа се гледа од сите страни, но не го гледаат само оние кои треба, или не сакаат да гледаат, па затоа постојано, по секој пораз и дебакл слушаме само алиби, алиби и алиби. Како тоа се некој друг е виновен, само не тие кои се највиновни за сето ова, а тоа е: Гоце Седлоски и неговиот „стручен штаб“!
Мизеријата се состои и во тоа што сите неславни рекорди се урнати. Голови, победи, шанси, бодови… Сето тоа сите го видовме на терените, покрај ТВ екраните! Но, вчера го видовме најголемиот пораз на македонскиот фудбал во досегашната наша историја. Пораз кој повеќе боли дури и од оние 0:3 на теренот, дури и од серијата порази, дебакли и кататсрофи! Само 1875 гледачи на Арената која е со капацитет од 33.000 гледачи. Национален тим ни игра, имаме гостин кој секогаш сме го победувале и пријател од УЕФА во името на Александар Чеферин! Срамота е да зјаат празни трибини…
Ќе се вадат на дождот, на студеното време, а можеби и на „семафорите“ во Скопје! Но, вистината е следна! Го разочаравте народот, а народот секогаш ја испорачува „фактурата“! Празните трибини ви е најголемиот доказ дека ја избркавте публиката, навивачите кои со срце секогаш и секаде го бодреле, се радувале, но и тагувале со оваа наша репрезентација. Национален тим – тим на сите во оваа држава, а не нечија играчка!
Па на мразот со Андора во тој камен студен февруари дојдоа околу 5.000 гледачи, а сега едвај 1875 и да плус оние од стручниот штаб на Гоце Седлоски кои седеа „гратис“ на клупата без ништо да направат, да помрднат или да советуваат. Не е селекторот сам во целата оваа каша во која се заглави. Струката!? Вчера се појави интервју на Љупчо Калц Марковски. Ја повика „струката“! А имаме ли ние струка во националниот тим!?
За успех, хемија, атмосфера… Потребно е сите „коцки“ да бидат на место!
А замислете… Загубивме од Словенија со убедливи (0:3), а тие без најдобрите во екипата како Шешко од Манчестер Јунајтед и стоперот Бијол од Лидс јунајтед. И без такви две ѕвезди не прегазија, фудбалски не нокаутираа додека нашите ѕвезди не ни се запалија. Останаа изгаснати уште неизлезени од соблекувалната.
Човек кој не знае – учи! Ете да се погледне во Црна Гора и да се види како тоа Мирко Вучиниќ ја препороди оваа земја. И тој е капитен поранешен на својата земја и репрезентација, но таму има и резултати и голови и успеси, но и полни трибини.
А кај нас… „Процесот, подмладување…“, а од сето тоа нема ништо! Само празни зборови, алиби и никаква иднина!
Некој некогаш гласно кажа и се повлече со зборовите: „Народот секогаш е во право дури и кога греши“! Но, тој некој имаше ОБРАЗ! А во нашиот фудбал образ нема – речиси и никој селектор сам не дал оставка! Убава е функцијата, моќта, парите и секако интересот!
Ете дојде и нов ден, сите преспаа и сега мислите им се чисти!










