ПЕТОРКА НА 7. КОЛО: Пал е МВП , ГКК Штип со двајца во најдобрата петорка

1

Џокрол Пал одигра натпревар за паметење во дресот на ГКК Штип и заслужено е најкорисниот играч на седмото коло од МТЕЛ Суперлигата. Со извонредни 38 поени и индекс на успешност 41, американскиот интернационалец го предводи изборот на најдобрите петмина кошаркари во изминатата рунда.

ЏОКРОЛ ПАЛ (ГКК ШТИП)

Пал блесна на дуелот против Скопје, на кој за нешто повеќе од 35 минути поминати на паркетот реализираше 38 поени, со одличен шут од поле. Погоди три тројки од пет обиди, 13 од 16 шута за два поени и три слободни фрлања од пет обиди. На својот учинок додаде пет асистенции, четири скока, три блокади и една освоена топка, за вкупно 41 индексен поен – највисок индивидуален резултат во седмото коло.

КОЛИН ПАРКЕР (СКОПЈЕ)

Второто место во изборот го зазема Колин Паркер од Скопје, со индекс 39. И покрај поразот на неговиот тим на гостувањето во Штип, Паркер повторно имаше извонреден индивидуален настап. За 37:28 минути постигна 29 поени, со одлични 11/12 во обидите за два поени, а забележа и 14 скока, две асистенции и една блокада.

СЕКОУ СИЛА (ТФТ)

Трет во изборот е Секоу Сила од ТФТ, кој на гостувањето во Гевгелија оствари дабл-дабл ефект. Во победата на својот тим над Кожув учествуваше со 25 поени и 18 скока, дополнети со една асистенција и една освоена топка. Сила натпреварот го заврши со 34 индексни поени.

КАМЕРОН ЏОНС (СКОПЈЕ)

Меѓу петтемина најдобри е и Камерон Џонс од Скопје, кој на средбата со ГКК Штип забележа дабл-дабл учинок. Реализираше 23 поени и имаше дури 11 асистенции, дополнети со пет скока, една освоена топка и една блокада. Неговиот конечен индекс изнесуваше 27.

АЛЕКСАНДАР КОСТОСКИ (ГКК ШТИП)

Петорката ја комплетира Александар Костоски од ГКК Штип. Искусниот плејмејкер доби нешто повеќе од 24 минути на паркетот, но тоа беше доволно за да покаже колку значи неговото присуство во играта на штипјани. Постигна 16 поени, со четири погодени тројки од седум обиди, а забележа и десет асистенции и три скока, без ниту една загубена топка. Својот настап го заокружи со индекс 25.

ПРВА ПЕТОРКА

Џокрол Пал (ГКК Штип)

Колин Паркер (Скопје)

Секоу Сила (ТФТ)

Камерон Џонс (Скопје)

Александар Костоски (ГКК Штип)

ВТОРА ПЕТОРКА

Стефан Симиќ (Кожув)

Камерон Хамилтон (ГКК Штип)

Ивица Димчевски (ГКК Штип)

Бобан Стајиќ (МКК Куманово)

Камерон Гуден (МКК Куманово)

ПретходноДвојна домашна програма за Македонија во Европската лига 2027