Осум порази на последните десет натпревари во сите три натпреварувања (Супер-лига, АБА2-лига и ФИБА Еврокуп) е билансот со кој МЗТ Скопје го дочекува новиот тренер. Кризата кај актуелниот македонски шампион ја отвори потребата од промена на клупата, а по заминувањето на Васко Атанасов на 30 октомври, „сино-белите“ конечно се пред решение за негов наследник.
Изборот падна на српскиот стратег Дејан Мијатовиќ, кој се очекува да го преземе тимот и да го води најмалку до крајот на сезоната. Според информациите, двете страни веќе ги договориле главните детали од соработката, а официјализацијата се очекува во текот на денешниот ден.
Пред новиот предводник е јасна задача – да го стабилизира тимот, да ја прекине негативната серија и да го врати МЗТ на победничкиот пат. За Мијатовиќ ова ќе биде нов предизвик во регионалната кошарка, во која веќе има солидно искуство.
Српскиот стручњак во минатото работел како асистент во Партизан, додека последниот самостоен ангажман му беше во Борац Чачак. Токму овој клуб има посебно место во поновата историја на МЗТ, бидејќи во сезоната 2022/23 беше директен конкурент на македонскиот тим во борбата за опстанок во АБА-лигата.
Во последното коло Борац славеше на гостувањето кај Будуќност во Подгорица, резултат кој му овозможи да остане во елитата, додека МЗТ Скопје го загуби местото во АБА-лигата.
Кошаркарите денеска се враќаат од Естонија, а доколку сè помине според планот, Мијатовиќ веќе утре ќе го одржи првиот тренинг со новиот тим. Дебито на клупата на МЗТ се очекува да го има викендов, на домашниот дуел против Штип.










