Легендата на Арсенал и францускиот фудбал, Тјери Анри, не го криеше воодушевувањето од играта на две од најголемите млади фудбалски ѕвезди – Ламин Јамал од Барселона и Мајкл Олисе од Баерн Минхен.
Во подкастот „Kampo“, поранешниот француски напаѓач зборуваше за квалитетите на двајцата офанзивци, издвојувајќи ја нивната техника, креативност и пред сè, љубовта кон фудбалот.
Тој смета дека двајцата поседуваат квалитети кои ретко се гледаат во современиот фудбал, а она што особено го воодушевува е нивната глад за успеси, без оглед на постигнатото.
„Овие момци прават работи што одамна не сме ги виделе во фудбалот! Секогаш можете да видите колку се среќни, но никогаш не се задоволни. Причината е едноставна – ако постигнат четири гола, ќе сакаат пет, а ако освојат еден трофеј, ќе сакаат три“, истакна Французинот.
Пофалбите од Анри се уште едно признание за двајцата офанзивци, кои со своите настапи се наметнаа меѓу најинтересните фудбалери во Европа.










