Алкалоид го победи Пелистер: Ученикот со лекција за учителот!

9

Дербито на 11. коло во Супер-лигата помеѓу Алкалоид и Пелистер заврши со победа на домашниот тим кој славеше со 30-28. Ова беше пресметка за третото место на табелата кое сега им припаѓа на „фармацевтите“. Во центарот на вниманието беа Кирил Лазаров и Лино Червар, прва пресметка помеѓу ученикот и учителот, а му припадна на помладиот.

Кизиќ имаше 11 одбрани, Галевски една одбрана од седум метри, која беше вредна злато. Прв стрелец беше Никола Костески со седум гола. На другата страна Митревски имаше 11 одбрани, Кузмановски беше стрелец на седум гола.

Битолчани отворија со 1-3, во овој период Митревски имаше две одбрани во низа. Алкалоид не му дозволи на противникот брзо да земе замав, на крилата на Кизиќ и неговите две одбрани успеа да го сврти резултатот и во дветата минута да поведе со 5-3. Од овој момент Лино Червар се одлучи за игра „седум на шест“, неговиот тим успеа да израмни на 6-6 на средината на првото полувреме. Многу поцврстата одбрана беше причина за да домашниот тим дојде и до позитива од 12-9 на стартот на 20-тата минута. Червар повика тајм-аут, после голот на Павле Атанасијевиќ за 12-10, цели шест минути на теренот не видовме ниту една реализација. Овој лош тренд го прекина Ѓорѓиев, а на него се надоврза Борозан за први плус 4 (14-10), резултат со кој заврши првото полувреме.

Алкалоид продолжи со добрата игра и во воведните седум минути од второто полувреме, поведе со 19-13, водеше и со 20-14, но не искористи два напади за плус седум. Во 41-та минута Борзаш заработи исклучување, па Пелистер врати со два гола за 20-16. Алкалоид одржуваше позитива од четири до пет гола, на стартот на 50-тата минута резултатот беше 26-21. Битолчани вратија со два гола за 26-23, Червар незадоволен од судиската одлука заработи две минути, па домаќинот дојде на плус 4 (27-23). Битолчани и со играч помалку во 57-та при 28-25 минута имаа шанса да приредат драма, но Галевски одбрани пенал, а Борозан реализираше 29-25.

Драмата беше на две минути до крајот, Алкалоид остана со двајца играчи помалку при 29-26, но домашниот тим се снајде, Дамјан Митев успеа да извлече седмерец, а Костески реализираше за 30-26, тука речиси беше јасно дека победата останува во Автокоманда.

ПретходноРедик по завршената победничка серија на Лејкерс: Ова е само еден пораз, не е трагедија!