Платен е 100 милиони евра, падна поради заразена крава: Украинската репрезентација е виновна

4
ФОТО:.facebook.com/ChelseaFC/
Михајло Мудрик, украинскиот крилен напаѓач на Челзи, кој поради позитивен допинг-тест загуби речиси две години од својата кариера, за првпат јавно ја раскажа својата страна од приказната. Тој директно ја обвини украинската репрезентација и тамошната фудбалска федерација за случајот што му ја запре кариерата.

Во двочасовното интервју со новинарот Дмитриј Гордон на неговиот канал на Јутјуб, фудбалерот на Челзи, кој моментално е на позајмица во Тотенхем, зборуваше за околностите околу позитивниот наод на мелдониум, суспензијата, психолошките проблеми и милионските трошоци за правната одбрана.

Мудрик беше суспендиран од ноември 2024 до јули 2026 година. Челси го доведе во јануари 2023 година од Шахтјор во трансфер вреден 100 милиони евра, а последниот натпревар пред суспензијата го одигра во ноември 2024 година против Хајденхајм во Конференциската лига, кога постигна гол во победата од 2:0.

За Челси одигра 73 натпревари, на кои забележа 10 гола и 11 асистенции.

Ја обвини репрезентацијата за внесување забранета супстанца

Мудрик тврди дека пред позитивниот допинг-тест никогаш не слушнал за мелдониум. Убеден е дека забранетата супстанца во неговиот организам влегла за време на престојот со украинската репрезентација.

„Станува збор за супстанца што може да се набави само во Источна Европа. Во мојот организам можела да влезе само на местото каде што престојував, а тоа е Украина. Во Англија нема такви супстанци“, изјави Мудрик.

Како мелдониумот завршил во неговиот организам? Украинскиот новинар Игор Бурбас изнесе теорија која станала централен дел од неговата одбрана. Наводно, во ноември 2024 година, за време на репрезентативниот собир, Мудрик поради непријатност при тренинзите добил инјекција со матични клетки за регенерација на ткивото. Проблемот, според оваа теорија, бил во нивното потекло – клетките наводно биле земени од крава која можела да биде изложена на мелдониум.

Тој објасни и како изгледале подготовките на репрезентацијата пред натпреварите. Според неговите зборови, нутриционистите им давале комбинации од таблети кои фудбалерите ги земале без дополнителни прашања.

„Има нутриционисти кои ни даваат мешавина од таблети пред натпреварите. Само ги ставаат во чашка, а фудбалерите дури и не прашуваат што земаат“, раскажа Мудрик.

На директното прашање дали ја смета украинската репрезентација за одговорна за позитивниот допинг-тест, тој одговори:

„Да, токму така“.

Мудрик го критикуваше и претседателот на Украинската фудбалска федерација, Андриј Шевченко, тврдејќи дека од него добил речиси никаква поддршка во текот на постапката. Федерацијата ја обвини и за протекување информации.

„Ќе бидам искрен, се преправаа дека помагаат, но всушност немаше никаква помош. Создадоа повеќе проблеми отколку што решија. Ни го свртеа грбот токму кога помошта ни беше најпотребна“, изјави тој.

Посегнал по алкохолот, адвокатите го чинеле милиони

Позитивниот допинг-тест тешко го погодил младиот фудбалер. Веста му ја соопштиле претставници на Челси, кои го посетиле во неговиот дом. Мудрик откри дека бил особено шокиран бидејќи многу вложувал во исхраната и физичката подготовка. Имал сопствен нутриционист и готвач и внимавал на сè што внесува во организмот.

„Имаш чувство како во сон да паѓаш од облакодер. Во сонот се будиш кога ќе удриш во земјата, но во реалниот живот не се будиш, туку само продолжуваш да паѓаш. Тоа психички многу те погодува“, го опиша периодот по сознанието за позитивниот наод.

Тој призна дека по суспензијата често плачел и посегнувал по алкохол, но набрзо сфатил дека таквото однесување не води никаде.

Тотенхем како можност за враќање

По враќањето на фудбалот, Мудрик ги мина предсезонските подготовки со Челси, по што замина на позајмица во Тотенхем.

Пред заминувањето разговарал со тренерот на Челси, Чаби Алонсо, кој му објаснил дека најважно за него е повторно да добие натпреварувачки минути.

„Клубот има нов тренер, тој го гледа фудбалот на свој начин. Ми кажа директно: Подобро е да заминеш, да играш, да собереш минути и потоа да се вратиш во Челси. Сметам на тебе“, откри Мудрик.

Иако зад себе има еден од најтешките периоди во кариерата, Украинецот не се откажува од најголемите амбиции. Тој откри дека сè уште сонува за освојување на „Златната топка“.

ПретходноЈокиќ повторно режираше пресврт, заврши серија на Дончиќ и Лејкерс (ВИДЕО)