Атлетико Мадрид веќе размислува за иднината на нападот, а во плановите на клубот се најдоа две интересни имиња. Станува збор за 21-годишните напаѓачи Никола Тресолди од Клуб Бриж и Пио Еспозито од Интер, кои би можеле да бидат дел од новата напаѓачка линија на Диего Симеоне.
Според пишувањата на шпанскиот „Мундо Депортиво“, мадридскиот клуб веќе ги прави плановите за следното лето, а двајцата млади голгетери се високо на листата на желби. Спортскиот сектор на Атлетико бара класичен централен напаѓач, со изразен голгетерски инстинкт, кој веќе покажува квалитет на високо ниво, но има простор и за дополнителен напредок.
Тресолди веќе извесно време е на радарот на мадридскиот клуб. Германскиот напаѓач на Клуб Бриж има 21 година, зад себе има одлични настапи, а особено се истакна во Лигата на шампионите. Неговите игри го направија еден од поинтересните млади напаѓачи на европскиот пазар.
Сепак, Атлетико не е единствениот клуб што го следи. За Тресолди, наводно, интерес покажуваат и Арсенал, Манчестер Сити и Борусија Дортмунд. Клуб Бриж за неговите услуги бара повеќе од 35 милиони евра.
Второто име на листата е Пио Еспозито, фудбалер на Интер, кој сè повеќе се наметнува како важен дел од иднината на италијанскиот гигант. И тој има 21 година, а по искуството на позајмица во Специја успеа да се избори за место во првиот тим на Интер.
Еспозито е физички моќен напаѓач, но неговите квалитети не завршуваат тука. Посебно се истакнува со голгетерскиот инстинкт, а во дресот на италијанската репрезентација веќе има десет погодоци на 15 настапи.
Сепак, неговото евентуално доаѓање во Мадрид би било исклучително комплицирано. Интер минатото лето го продолжи договорот со Еспозито до 2032 година и во него гледа напаѓач околу кого би можел да ја гради иднината. Неговата пазарна вредност се проценува на околу 50 милиони евра, но италијанскиот клуб веројатно би барал значително повеќе за трансфер.
Плановите за нова напаѓачка линија се поврзани и со ситуацијата на Александер Серлот. Негово заминување не е исклучено уште во јануарскиот преоден рок, додека Џонатан Дејвид моментално е на позајмица од Јувентус, со можност за откуп на договорот. Поради тоа, Атлетико сака навреме да подготви решенија за следната сезона.
Во меѓувреме, неизвесна останува и иднината на Хулијан Алварез. Аргентинецот во текот на летото беше во центарот на голема трансфер-сапуница, а Барселона се споменуваше како една од неговите најпосакувани дестинации. Атлетико, сепак, одби преговори со каталонскиот клуб и јасно стави до знаење дека не сака лесно да се откаже од еден од своите најважни фудбалери.
Алварез на крајот остана во Мадрид, но тоа не значи дека интересот на другите клубови ќе исчезне. Неговото име и понатаму ќе се поврзува со најголемите европски екипи.
Така, Атлетико веќе гледа кон летниот преоден рок, а останува да се види дали ќе успее да доведе еден од двајцата млади напаѓачи. Тресолди и Еспозито се издвојуваат како две сериозни мети, но не се и единствените имиња на листата што ја составува спортскиот директор Матеу Алемани.










