Лазаров: Ги повикувам фановите да дојдат, ветувам дека ќе гледаат брз и динамичен ракомет!

1

После победата над Пелистер во домашниот шампионат, Алкалоид немаше многу време ниту да прослави, ниту пак да се одмори. Тренерот Кирил Лазаров и неговите момци има само два дена да се подготват за првата средба против Горење Велење во рамките на третото коло во ЕХФ Европскиот Куп.

Алкалоид е домаќин на првиот натпревар, па ова ќе биде шанса да дојде до поволен резултат пред реваншот. Стратегот на тимот од Автокоманда на оваа средба гледа со голема претпазливост бидејќи самото име на противникот доволно говори за неговата сила.

„Густ е распоредот, само два дена по натпреварот со Пелистер играме против Горење. Станува збор за словенечка ракометна школа, за многу тежок противник, кој игра брз и тркачки ракомет. Ќе барам од играчите брзо да ги соберат главите по победата над Пелистер и да одиграме уште еден добар натпревар.

Ги повикувам навивачите да дојдат во салата. Ветувам дека ќе гледаат брз и динамичен натпревар, со многу убава игра за око.

Имам голема почит кон противникот, бидејќи станува збор за клуб со препознатлива ракометна школа и производство на квалитетни средни бекови. Ќе биде тешко, имавме само два дена и два тренинга за да го подготвиме овој натпревар.

Многу сум претпазлив, бидејќи станува збор за Горење Велење од Словенија. Не играме против противник од некоја друга земја, туку против екипа од земја која е меѓу најдобрите пет-шест во Европа и во светот. Мора да имаме добар резултат, а тоа ќе мора да го одработиме на терен“, ни изјави Кирил Лазаров.

Натпреварот помеѓу Алкалоид и Горење Велење стартува со почеток во 19:30 часот.

ПретходноРама: Струга ТЛ и во Штип оди на победа!