МЗТ Скопје во продолжение на сезоната ќе биде без услугите на Американците Лесли Кортез Варнер и Ноа Али Фарахан. Двајцата кошаркари ги спакуваа куферите и го напуштија таборот на актуелниот македонски првак, што е уште една потврда дека нешто не „штима“ во овој тим.
Ова се случува во период кога МЗТ Скопје е далеку од посакуваното издание на европската сцена, каде што има осум порази на последните десет натпревари. Воедно, тимот претрпе и два порази во домашниот шампионат и веќе подолго време не личи на себе.
Токму лошите резултати беа причина и за тренерската смена, па од новиот стратег Дејан Мијатовиќ се очекува максимално да ја искористи паузата и да се обиде да го препороди тимот.
Но, прашањето дали проблемот е само во тренерот или, пак, причините поради кои актуелниот македонски првак го загуби победничкиот менталитет и на теренот изгледа како раштиман оркестар лежат на друго место, останува отворено и неодговорено.










