Петмина кошаркари кои оставија силен индивидуален белег во натпреварите од осмото коло на МТЕЛ Суперлигата се најдоа во изборот за идеалната петорка. Најкорисен играч е Секоу Сила од ТФТ, кој со извонреден дабл-дабл учинок и 39 индексни поени го предводи изборот.
СЕКОУ СИЛА (ТФТ)
Центарот на ТФТ, Секоу Сила, имаше доминантно издание на гостувањето кај Работнички, потврдувајќи го својот квалитет во играта под обрачите. Иако неговиот тим го загуби натпреварот во „Градски парк“, Сила одигра на исклучително високо ниво и оствари дабл-дабл ефект од 28 поени и дури 21 скок, од кои седум во офанзивниот дел. Реализираше 10/13 обиди за два поени, 1/3 за три и 5/8 од линијата за слободни фрлања, а придодаде и една асистенција и две освоени топки. Со вкупно 39 индексни поени заслужено е најкорисниот играч на осмото коло.
КОЛИН ПАРКЕР (СКОПЈЕ)
Колин Паркер продолжува со одличните индивидуални настапи во дресот на Скопје и уште еднаш се најде меѓу најдобрите во колото. Во втората сезонска победа на својот тим, остварена против Тиквеш Голден Игл, Паркер беше еден од главните носители на играта. За 33:27 минути на паркетот постигна 24 поени, со четири погодени тројки од осум обиди и максимална реализација од линијата за слободни фрлања (8/8). Неговиот учинок беше дополнет со 12 скока, четири асистенции и една освоена топка, за вкупен индекс на успешност од 35 поени.
СТЕФАН ГЛИГОРИЈЕВИЌ (ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ)
Стефан Глигоријевиќ имаше одличен индивидуален настап во дресот на Тиквеш Голден Игл, но неговиот комплетен учинок не беше доволен за позитивен резултат на гостувањето кај Скопје. За 36:20 минути поминати во игра постигна 15 поени, со висока прецизност во шутот од поле, реализирајќи 7/8 обиди за два поени и 1/2 од линијата за слободни фрлања. На тоа додаде и 10 скока и три освоени топки, за да го заврши натпреварот со 27 индексни поени.
ДАВИОН СУКС (ТИКВЕШ ГОЛДЕН ИГЛ)
Уште еден кошаркар на Тиквеш Голден Игл се најде во изборот на најдобрите петмина во осмото коло. Давион Сукс одигра речиси максимални 40 минути на гостувањето кај Скопје, во кои реализираше 19 поени, со 5/13 во шутот за два поени и одлични 9/10 од линијата за слободни фрлања. Покрај поентерскиот придонес, Сукс оствари и 11 скока, од кои пет во нападот, пет асистенции и по две освоени и загубени топки. Сето тоа беше доволно за индекс на успешност од 26 поени.
ЛУКА СТОЈАНОВСКИ (МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ)
Репрезентативниот бек Лука Стојановски одигра една од своите најдобри партии сезонава во дресот на актуелниот шампион. Иако натпреварот против ГКК Штип го започна од клупата за резервни кошаркари, тоа не го спречи да биде еден од најрасположените во редовите на МЗТ Скопје Аеродром. За нешто помалку од 29 минути реализираше 21 поен, со четири погодени тројки од осум обиди, 3/4 за два поени и максимални 3/3 од линијата за слободни фрлања. На својот учинок додаде и пет асистенции, два скока и една освоена топка, завршувајќи го настапот со 24 индексни поени.
ПРВА ПЕТОРКА
Секоу Сила (ТФТ)
Колин Паркер (Скопје)
Стефан Глигоријевиќ (Тиквеш Голден Игл)
Давион Сукс (Тиквеш Голдне Игл)
Лука Стојановски (МЗТ Скопје Аеродром)
ВТОРА ПЕТОРКА
Џереми Смит (Тиквеш Голден Игл)
Дарин Говенс (Работнички)
Данило Николиќ (МЗТ Скопје Аеродром)
Дамјан Робев (Работнички)
Тери Армстронг (Кожув)










