Македонската женска ракометна репрезентација ги стартуваше подготовките за настап на Европското првенство. Нашите ракометарки денеска ќе заминат за Турција, каде што ќе одиграат пријателски натпревари против Финска, Италија и домаќинот.
Европското првенство е голем предизвик за сите, особено за младите репрезентативки. Таму ги очекува тешка група, во која за противници ќе ги имаат Норвешка, Швајцарија и Романија. Катерина Дамјановска смета дека на новата генерација ѝ е потребно време, но верува дека со дисциплинирана игра можат да го покажат најдоброто против секој противник.
„Настапот на Европското првенство за мене претставува остварување на уште еден голем сон. Сите уште од мала возраст сонуваме да го носиме националниот дрес на едно вакво големо натпреварување. Секако, тоа носи и голема одговорност, бидејќи ја претставуваме цела Македонија, не само како индивидуи и како тим, туку и како држава. Кога ќе се интонира химната, чувството е посебно и не може да се опише со зборови.
Смената на генерации бара време, дисциплина и континуирана работа. Сепак, сметам дека искуството од претходните Европски првенства ќе ни помогне оваа година. Верувам дека ќе успееме да го пренесеме на теренот сето она што го научивме, како и работата и дисциплината што ги градевме низ годините. Се надевам дека ќе се покажеме во најдобро светло и ќе ја направиме Македонија горда“, изјави Дамјановска.










