Екипата на Работнички по долго време го врати стариот сјај. „Црвено-белите“ играат како препородени, а конечно и најавите за подобри времиња добиваат смисла. За тоа најдобро говорат осумте победи во исто толку одиграни натпревари на стартот од новата сезона во Супер-лигата.
Сосема очекувано, по ваквиот резултат, амбициите на Работнички повторно се шампионски. Тимот од „Градски парк“ нема намера да застане, па подготвува нов план со кој ќе се обиде да го симне од тронот вечниот ривал МЗТ Скопје, кого веќе еднаш оваа сезона го победи и тоа на гостински терен.
СпортСпорт дознава дека на радарот на Работнички е поранешниот кошаркар на ТФТ, Зак Браун. Тој во редовите на тимот од „Тафталиџе“ пристигна во февруари минатата година, но се повреди. Потоа замина во Мексико, а сега се чини дека е на добар пат повторно да се врати во Македонија.
Но, тука не завршува приказната околу новиот план на Работнички. Роберт Рикиќ се очекува да добие македонско државјанство, со што би можел да настапува како домашен кошаркар и на тој начин да се отвори место за уште еден странец во тимот.
Останува да видиме дали информациите до кои дојде SportSport наскоро ќе добијат и официјална потврда.










