Машката сениорска репрезентација на Македонија во четврток (18:00 часот) ја очекува дуелот со Кипар, втор во рамките на вториот претквалификациски циклус за пласман на Евробаскетот 2029. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје, а нашите репрезентативци посакуваат уште еден триумф пред домашната публика.
Виктор Ташовски верува во квалитетот на македонската селекција и јасно ја истакнува целта пред овој натпревар – победа.
„Целта ни е да победиме. Сметам дека сме поквалитетна репрезентација од Кипар, но тоа треба да го докажеме. Се надевам на полна сала и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, вели Ташовски.

Кипар е противник кој веќе покажа дека може да биде незгоден. Во првото коло од овој циклус, на домашен терен во Никозија, ја совлада селекцијата на Австрија со 77:72. Тоа е доволна причина за претпазливост, но не и за промена на амбициите на македонскиот национален тим.
„Со оглед на тоа што победија против селекцијата на Австрија, се работи за добар тим. Имаат нова репрезентација, но не очекувам изненадување на овој натпревар во Скопје“, оценува нашиот репрезентативец.
Македонија, пак, во првиот натпревар од циклусот одигра убедливо против Австрија (91:59). Оттогаш околностите се поинакви, бидејќи репрезентативците сега се во многу подобар натпреварувачки ритам, што отвора простор за уште поквалитетно издание.
„Секако, да. Сега сите сме во тренажен процес. Се надевам дека ќе бидеме комплетни и ќе извојуваме победа со што поголема разлика, на радост на македонската публика“, порачува Ташовски.
Македонија ја посакува втората победа во претквалификациите, а поддршката од трибините во салата „Лазар Лечиќ“ може да биде дополнителен мотив за ново успешно репрезентативно издание.










