Гдањск во Битола дојде без поранешниот вардарец

1

Екипата на Гдањск ќе допатува во Битола ослабена, откако поради повреди нема да може да смета на двајцата пивоти, Патрик Валчак и Нејц Змавц.

Поранешниот ракометар на Вардар, Валчак, се повредил за време на тренинг, кога добил удар во коленото. Дополнителните прегледи покажале оштетување на менискусот, по што полскиот ракометар морал да замине на операција. Тој веќе три недели е надвор од терените, а според најавите го очекува и подолг период на рехабилитација, па сигурно ќе го пропушти гостувањето во Битола.

Уште потешка е повредата на словенечкиот интернационалец Нејц Змавц. Тој се повреди кон крајот на октомври, а медицинските испитувања потврдија скинати предни вкрстени лигаменти, поради што за него сезоната е завршена.

Отсуството на двајцата искусни линиски ракометари го принуди Гдањск да реагира и да ангажира нови решенија на пивотменската позиција. Сепак, станува збор за двајца млади ракометари, кои имаат по 19 години.

Јакуб Вашкиевич, висок 207 сантиметри, се врати од позајмица во Пјотрковија, додека Оскар Витчак пристигна од швајцарскиот Сур Арау, каде што настапуваа и македонските репрезентативци Филип Талески и Мартин Поповски. Витчак летово се пресели во Швајцарија од полски Квиджин.

ПретходноАрсенал тргна по фудбалер вреден 80 милиони евра, во трката е и Ливерпул!