Војдан Стојановски го игра 100. натпревар: Дресот на Македонија отсекогаш бил светост!

1

Македонската кошаркарска репрезентација денеска (18 часот) во салата „Лазар Лечиќ“ го пречекува Кипар во натпревар од втората претквалификациска фаза за Европското првенство 2029 година.

Денешниот натпревар ќе биде посебен и од друг, важен аспект. Капитенот на нашиот најдобар национален тим, Војдан Стојановски, ќе го одигра својот 100. натпревар во „црвено-жолтиот“ дрес. Првиот повик за сениорскиот тим го доби во 2008 година од тогашниот селектор Јовица Арсиќ.

„Дресот на Македонија за мене отсекогаш бил светост. Чувството да се игра за својата земја е посебно и секогаш е исто, без разлика дали настапуваме на Европско првенство или играме квалификации и претквалификации. Горд сум што имам можност толку години да ја претставувам Македонија и што стигнав до бројката од 100 натпревари. Тоа е голема чест за мене, но и мотив да продолжам да го давам максимумот. За репрезентацијата секогаш ќе бидам тука, додека ѝ треба мојата помош“, ни изјави капитенот Војдан Стојановски.

Секако, тој посакува победа против Кипар за голем исчекор кон исполнување на главната цел – пласман во квалификациите за ЕП 2029 година.

„Нашата цел е победа. Играме на домашен терен, очекуваме поддршка од трибините. Противникот не треба да се потцени во ниту еден случај. Мора да излеземе, да го дадеме максимумот и да ја продолжиме победничката серија“, додаде Војдан.

ПретходноДрама на небото и грмотевици над Грузија: Фудбалерите на Бешикташ заминаа со авион, а на натпреварот пристигнаа со автобус!