Женската кадетска репрезентација на Македонија не успеа да ја запише втората победа на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство во 2027 година. Македонските ракометарки загубија од Литванија со 28-34 (15-18) во натпреварот од второто коло, кој се одигра во салата „Расадник“.
По успешниот старт и победата над Косово, нашите ракометарки не успеаја да приредат ново изненадување. Литванките ја потврдија фаворитската улога, ја контролираа играта и стигнаа до вториот триумф во групата Б.
На вториот натпревар од денешната програма, Грција славеше над Косово со 27-23.
По две одиграни кола, Литванија е на врвот на табелата со максимални четири бода. Македонија и Грција имаат по два, додека Косово е без бодови.
За македонските кадетки останува уште еден натпревар, кој ќе биде одлучувачки за продолжување на надежите за пласман на континенталниот собир. Утре од 18:30 часот во салата „Расадник“ нашите ракометарки ќе се соочат со Грција.










