Французите го пријавија Атаман во ФИБА: Спорните изјави оценети како расистички

0
Фото: ФИБА
Претседателот на Кошаркарската федерација на Франција, Жан-Пјер Енклер, најави дека ќе го пријави селекторот на Турција, Ергин Атаман, во ФИБА поради неговите изјави за натурализираните кошаркари, кои предизвикаа бурни реакции во Франција и беа оценети како расистички.

Атаман зборуваше за критериумите според кои се одредува статусот на домашните кошаркари, а притоа се осврна и на репрезентациите на Франција и Шпанија.

„Кога ќе ги погледнете земјите како Шпанија и Франција, ќе видите многу темнокожни играчи. И едните и другите доведоа играчи од своите поранешни колонии и други земји“, изјави турскиот стратег.

Неговите зборови предизвикаа остри реакции, а дел од јавноста ги оцени како расистички. Атаман потоа се бранеше од ваквите обвинувања, но Кошаркарската федерација на Франција одлучи случајот да го пријави во ФИБА.

Енклер ја осуди изјавата на турскиот селектор, посебно посочувајќи го поврзувањето на бојата на кожата на кошаркарите со нивната националност.

„Останав во шок од изјавите на турскиот тренер, односно од паралелата што ја направи меѓу темнокожните играчи и нивната националност“, порача Енклер.

Првиот човек на француската федерација потсети и на расистичките навреди со кои француската репрезентација се соочувала во изминатите години.

„Нашата репрезентација долго време трпеше расистички навреди. Затоа ваквите необјасниви коментари дополнително ја поттикнуваат расистичката реторика, што ние го осудуваме. Се бориме против ваквите коментари и за нив нема место во ниту една сфера од животот“, додаде Енклер.

Особено го загрижува фактот што спорните зборови доаѓаат од тренер со угледот на Атаман.

„Кога вакви изјави дава почитуван тренер како Ергин Атаман, тоа е многу загрижувачки. Лути сме поради тоа и како федерација им даваме безрезервна поддршка на сите играчи кои го носат дресот на Франција“, заклучи Енклер.

ПретходноЗошто Сити повеќе не победува?