Откако изненадувачки му беше раскинат договорот со Ајакс кон крајот на минатата година, 32-годишниот холандски репрезентативец Дејли Блинд е блиску до изненадувачка преселба во Баерн Минхен.
Холансдкиот весник „Телеграф“ денеска пишува дека Блинд е веќе договорен со Баерн (М), само останува да се финализираат некои детали од соработката и тоа треба да се случи денеска или најдоцна викендов.
По Мундијалот, германскиот шампион бара алтернатива на позицијата лев бек, затоа што Лукас Ернандез беше сериозно повреден и се очекува да биде надвор од теренот долго време. Оттука Блинд би бил одлична можност за пополнување на оваа дупка, особено што искусниот Холанѓанец може да дојде во Баерн како слободен играч.