Македонската ракометна репрезентација заврши со делот – контролни натпревари во рамките на подготовките за настап на претстојното Светско првенство. Вкупниот биланс е две победи и два порази. Последниот триумф нашите момци го запишаа синоќа во Пореч совладувајќи го Израел со 38-37. На двете средби во „Кроација Купот“ во составот не беа Филип Талески и Никола Митревски, две имиња кои треба да не направат уште посилни.
Промените се видиливи, Македонија игра поинаков, брз ракомет. Па токму поради силното темпо покрај големиот број на дадени голови, високи се бројките и на примени голови. Предводникот на нашиот национален тим, Кирил Лазаров, не го плаши дефанзивата, сигурен е дека истата ќе ја подобрат со стартот на Мундијалот, од кој не делат пет дена. Македонија првиот меч го игра на 13. овој месец против Норвешка во Краков.
Лазаров потенцира дека е задоволен од момците, од начинот на кој ги одработуваат подготовките и од мечевите.
„Одигравме квалитетен турнир со квалитетни противници. Денеска имаме слободен ден, од понеделник почнуваме да се подготвуваме за конкретни работи за следните два противници на Светското првенство, против Норвешка и Холандија.
Задоволен сум момците, од прикажаното и на натпреварите и на подготовките – комплетно. Одбраната ќе ја поправиме, но треба да се знае дека играме силен ритам 60. минути. Нормално е да се прима и да се даваат повеќе голови, но има голем простор за напредок во нашата дефанзива. Ќе работиме на тоа до почетокот на Светското првенство“, ни изјави Лазаров.
Нашите момци се враќаат во Скопје, за Краков, градот домаќин на нашата група ќе тргнат на 11. овој месец.