Од денеска до недела Саудиска Арабија и градот Ријад ќе бидат домаќини на 39. издание на шпанскиот Суперкуп, а четвртото во новиот формат со учество на четири екипи.
Реал Мадрид ќе настапи како шампион на Шпанија, Барселона како второпласирана екипа од Ла Лига, а тука се и финалистите на Купот на кралот – победникот Реал Бетис и поразената Валенсија.
Денеска на Интернационалниот стадион „Крал Фахд“ во полуфиналето ќе ги одмерат силите Реал Мадрид и Валенсија, додека во четврток е закажан вториот полуфинален меч меѓу Реал Бетис и Барселона. Финалето е закажано за 15 јануари.
Новиот формат на Суперкуп стартуваше од сезоната 2019/20 во Џеда, а победник беше Реал Мадрид, кој во финалето го совлада градскиот ривал Атлетико по изведувањето пенали.
Една година подоцна, во 2021 година, финалето се играше во Севиља, а титулата му припадна на Атлетик Билбао, додека лани домаќин на шпанскиот Суперкуп повторно беше Саудиска Арабија, а трофејот го понесе Реал Мадрид како второпласирана екипа во шпанското првенство. Вечерашниот дуел меѓу Реал Мадрид и Валенсија ќе биде нивни четврти дуел во Суперкупот на Шпанија. Последен пат играа во 2020 година во полуфиналето, а Реал победи со 3:1.