СП во Полска и Шведска вечерва беше отворено и со првиот дуел на овој Мундијал, и тоа со мечот од групата –Б, на кој Франција успеа да ја победи Полска, во преполната Арена “Сподек“ во Катовице, со 26:24 (14:13).
Сепак не беше така лесно за Карабатиќ и другарите. Полска пружи силен отпор, беше во „игра“ барем да дојде до бод, но сепак искуството и квалитетот на Франција си го стори своето.
Почетокот беше по малку нервозен, како што и се очекуваше ако се знае дека овој натпревар беше прв и за едните и другите. Полските репрезентативци помогнати од домашната публика, во преполната Арена во Катовице, добро се држеа, имаа и водство во одредени моменти, но благодарение на Ремили, во 20.минута Франција дојде и до водство од четири голови. Сепак на пауза се замина со резултат 14:13 за Франција.
Во продолжение од средбата, Франција беше во водство, а Полска дојде до израмнување во 42.минута и тоа 18:18. Во тие моменти Пејтрашик со два гола ја држеше Полска во “игра“, но Франција преку Дика Мем одново имаше водство од 20:19.
Франција едноставно не можеше никако резултатски да се “одлепи“. Во 53.минута Франција, со своето искуство сепак дојде до +3, 24:21. Интересно, во тие моменти Полска не успеа да искористи два напади со играч повеќе, а притоа прими два гола.
Во финишот Франција умешно знаеше што треба да прави, на крајот резултатот беше 26:24.
Дика Мем со 6 голови беше најдобар кај Франција, додека кај Полска најефикасен беше Шичко, седум.
За МВП прогласен беше Ремили од Франција.