Во попладневниот термин од вториот ден на СП во Полска и Шведска, се одиграа четири меча. Словенија, во меч од групата-Б, забележа убедлива победа против селекцијата на С. Арабија, со резултат 33:19.
Арапите, чиј селектор е Јан Питлик, некогашниот тренер на ЖРК Вардар едноставно не можеа да му парираат на поквалитетниот ривал. Овничек и Јанц кај Словенците постигнаа по 6 голови.
Унгарија рутински стигна до првиот триумф на Мундијалот, и тоа против Ј. Кореја со 35:27. И тука на овој меч, од групата-Д, се виде разликата во класи меѓу двете репрезентации. Лекаи постигна 7 голови и беше најдобар стрелец кај победничкиот тим.
Веселин Вујовиќ како селектор на Иран, во натпревар од групата-А, успеа да го победи Чиле со 25:24, во еден драматичен финиш. Интересно е да се каже дека Иран имаше дури 8 исклучувања. Оваа победа веројатно ќе значи и историски пласман во следната фаза.
Изненадување можеби е убедливата победа на Зеленортските острови против Уругвај, и тоа со 33:25, во меч од групата-Ц.
ФОТО:MKSZ