Јагуриновски пред Норвешка: Ќе се надигруваме против секого!

130

Македонската ракометна репрезентација ја делат осум и пол часа до дуелот со Норвешка, прв на Светското првенство, кое се одржува во Шведска и Полска. За противникот не треба да се зборува многу, нивниот стил на игра е добро познат, игра брзо и не дозволува многу грешки, бидејќи знае добро да ги казни.

Македонија од овој Мундијал ќе се прикаже во поинакво светло, младоста и искуството, но и новиот систем на игра ќе бидат нашиот заштитен знак. Томислав Јагуриновски е еден од оние кои допрва треба да блеснат во националниот дрес.

„Ќе дадеме се од себе да го изненадиме денешниот противник. Норвежаните играат одличен ракомет, познати се по својата игра. Сметам дека можеме да одиграме добар натпревар и во некој сегмент да ги изненадиме. Ми се допаѓа овој систем, ми одговара побрзата игра. Јас мислам дека сме добри и ќе бидеме само уште подобри. На подготвителниот турнир во Хрватска игравме коректно во нападот, а мал проблем беше одбраната. Тоа мора да го поправиме. Нормално е кога играш брзо да примаш повеќе голови.

Норвешка игра исто така брзо, знае што прави и не смее да се греши. Нема калкулации, одиме на победа против секој противник, ќе се надигруваме со сите“, кажа Јагуриновски.

Дуелот меѓу Норвешка и Македонија е закажан со почеток во 20:30 часот, пред оваа средба силите ќе ги одмерат Аргентина и Холандија.

ПретходноИвица Димчевски нов член на Феникс
СледноФФМ секогаш со поддршка за ракометарите: Почнува нова ера – погледот нуди нови амбиции!