Португалскиот селектор Фернандо Сантос беше изненаден и разочаран од резултатот против Германија. Европскиот првак изгуби во Минхен со 2:4 во 2. коло од групната фаза на ЕП, а со оглед на резултатот меѓу Франција и Унгарија 1:1, сите карти се отворени во последното коло.
„Нешто тргна на лошо. Колективно лошо се браневме, лесно испаѓавме во дуелите и тоа ни правеше многу проблеми. Германија е една од најдобрите екипи на светот. Која селекција може да дојде во Германија со помисла дека ќе победи? Јас мислев дека можеме, но не беше така. Ова е заслужена победа на Германците“, изјави Сантос.
Португалија ќе игра со Франција во 3. коло. Да потсетиме дека во првото бранителот на титулата ја совлада Унгарија со 3:0 со три гола во финишот на мечот.
„Сакам да играме во наредната фаза. Ако треба да се качиме на месечината, ќе го направиме тоа. Ќе размислам за некои промени против Франција. Ситуацијата е јасна, ако победиме одиме понатаму“, вели Сантос.