Никола Митревски, нашиот голман, еден од нашите клучни играчи во репрезентацијата, како и секогаш и сега е самокритичен кога се однесува на настапите на нашата репрезентација. Сепак тој верува дека и покрај двата порази со Норвешка и Холандија, на утрешниот меч против Аргентина нашата селекција би можела да победи, но за тоа ќе мора подобро да се одигра во одбраната.
„И кога сме победувале и кога сме губеле, секогаш сум го кажувал истото, а тоа е дека голманите бранат многу полесно кога има добра соработка со одбраната. Јасно е дека овој дел од нашата игра не функционира најдобро, јас искрено верувам дека ќе се крене и дека со заеднички напори ќе стигнеме до посакуваниот резултат“ вели Митревски.
Чуварот на мрежата денеска потенцираше дека не е трагедија да се загуби, но мора да има поголема концентрација, не смее да има дупки од по неколку минути.
„Ние сме аутсајдери во групата и во пресрет на овој мундијал, ако се земе рејтингот на сите репрезентации кои се дел од нашата група. Јасно е дека не е страшно да се загуби, но мора да научиме да немаме толкави падови на концентрација, да за пет-шест минути паѓаме во дупки од кои е невозможно да се вратите. Тоа мора да ни биде лекција и пред Аргентина, и двете селекции играат брз ракомет, но ќе мораме да ги лимитираме грешките. Кој помалку ќе греши, тој ќе се радува на крајот“ истакна Митревски.