Денеска и официјално експедицијата на Струга Трим Лум ги заврши своите подготовки во Анталија. Утре стружани со лет Анталија – Истанбул – Скопје се враќаат дома. Одработија, барем според извештаите од клубот, одлични подготовки, се работеше напорно, се одиграа пет контролни средби со квалитетни ривали, новаците како Радески, Кривањева, Незири…одлично се вклопија во тимот и сега може само да се финишира со цел што подобро да се дочека стартот на пролетниот дел во ПМФЛ во кој Струга ТЛ посакува да го задржи првото место на табелата.
Бесарт Исаку, спортскиот директор на Струга ТЛ за “Спортмедиа“ изјави:
“Секако дека за детали ќе се изјасни тренерот Срѓан Захариевски, но сметам дека одработивме одлични подготовки. Имавме добро услови, напорно се работеше.Одигравме пет пријателски натпревари а најдоброто го сочувавме за крај кога вчера убедливо ја победивме екипата на Петркуб од Молдавија со 3:0. Претходно силите ги одмеривме со Локомотив Ташкент (1:2), Кривбас (1:1), Вејле (1:2), Хелсинборг (2:2). Мислам дека тимот од ден во ден напредува, сите играчи се во ред, нема некои посериозно повреди и сега останува само да финишираме со подготовките“ посочи Исаку.