Силвија Митевска, активистка и експертка по спортска дипломатија, во колумната која ќе можете да ја прочитате во продолжение отвори важни прашања, но и ја прикажа целокупната слика на спортот во Македонија.
Митевска се бори за длабоки и суштински реформи во спортот кои ќе се стават во функција на спортистите.
„Се подготвувам за учество на настан во една од европските држави на кој треба да презентирам дел од македонските спортски политики и нивно усогласување со европскиот модел на спорт. Итам кон аеродромот, летот се ближи. Ја поминувам пасошката контрола и со торбата в раце се сместувам на седиштето во авионот. Нетрпеливо го отворам компјутерот и фокусирано посегнувам по документот во кој претходно мислите ги преточував во работни белешки.
Говорот може да го извежбам до совршеност но знам дека особено внимание треба да посветам на дискусијата и на директните прашања од публиката присутна во салата. Водењето на овој дел и вештите одговори ќе ја „издадат“ мојата спремност и ќе остават впечаток за мојата експертиза. Замижувам и замислувам какви се згодни и незгодни прашања можам да очекувам. Публиката воопшто не е за потценување, пред мене ќе бидат претставници на формални интернационални спортски институции и водечки спортски организации. Во себе ги повторувам сите клучни и стратешки политики кои изминатите години ги имаме развиено кај нас дома.
Еве, некој да ми постави прашање која е визијата на државата за развој на спортот, гордо ќе ја презентирам петгодишната стратегија сработена по европски стандарди. Државата има точна визија за развој на аматерскиот и на професионалниот спорт и точно е утврдено во кои спортски дисциплини ќе инвестира со цел постигнување врвни резултати. Подготвеноста оди дотаму што веќе и предвидуваме од кои светски првенства спортистите и спортистките ќе се враќаат со освоени медали. Натаму и го насочуваме нашето национално брендирање, државата сака да извлече максимум од светските спортски резултати и успешно да се промовира и етаблира на актуелната геополитичка сцена.
Подеднакво важно, државата ја разбира значајноста и од овозможување пристап до спорт за сите граѓани и затоа тежнее да развие спортска култура каде рекреативниот спорт станува секојдневие за сите. Има стратегија како младите да ги извади од зачурените кафани целејќи да станеме една од најактивните нации во Европа, веднаш по Словенија. Од таканаречена „кауч“ нација која со далечинското во рака пасивно гледа спортски натпревари сега нашите паркови и планини ќе бидат преполни со млади и стари кои спортуваат. Затоа и постои програмата за физички активно население и доделен државен буџет за нејзина реализација.
Понатаму, ќе дополнам дека и локалната власт развива и нуди безброј атрактивни активности за спорт и рекреација за своите граѓани. Општините се натпреваруваат меѓусебно да понудат што поразновидна содржина за рекреација и спорт. Ниту денар не одделуваат во субвенционирање професионални спортски клубови зашто не сакаат парите на граѓаните да одат за плати на странски играчи. И, секако, сите општини го напуштија моделот во кој се основачи на акционерски друштва. Такво нешто постои само во тие непристојните, неразвиените земји. Не и во нашата.
Ќе се надоврзам и на новиот Закон за спорт што е одличен, концизен, неоптоварен и, секако, усогласен со европскиот модел на спорт. Работната група со месеци работеше на анализа на потребите, странските експерти подготвија компаративна анализа, а најголем придонес низ консултации дадоа спортистите и спортските работници. Веќе не сме од тие држави со застарен и нејасен закон, на места и апсурден. И, најважно, законот се применува подеднакво кон сите граѓани, никој не е над законот. А, читам, во некои земји се уште се делат државни пари без точно утврдени критериуми и уште помалку стручни комисии.
За импресиите да бидат поголеми, ќе презентирам и за инвестициите во развој на спортска инфраструктура и секако ќе нагласам дека не градиме базени и игралишта во средините каде градоначалникот е од нашата политичка партија. Градиме врз основа на спроведена анализа на потребите на локалното население, па затоа и игралиштата имаат толку голема посетеност. Секако, креираме и програми за употреба на игралиштата и базените, не е доволно само да се изгради и да си заминеме, одржливоста е многу важен дел во нашата програма.
Во сите наши програми и активности негуваме концепт на добро владеење со проактивна транспарентност и отчетност. На пример, спортските национални федерации се позитивен пример со организациска култура на која и Европјаните може да ни позавидат. Сите политики се градат на гласот и перспективата на спортистите. А, не како што слушам во некои неразвиени земји каде спортистите немаат пристап ниту до статутот на федерацијата, кој иако јавен документ е вешто криен од страна на раководството. И нема регистрирани спортски национални федерации кои постојат само на хартија, регистрирани единствено за лукративни и манипулативни побуди. Сите спортски федерации имаат активности и обединуваат вистински спортисти, а не позајмени имиња на пријатели и познаници.
Може да се пофалиме и со нула корупција и политички притисок. Спортските федерации имаат целосна автономија и никој од политичарите не се меша во нивното управување особено при изборни или вонредни собранија. Спортистите си го бираат претседателот и никако поинаку. Секако со ограничен мандат од четири или најмногу осум години зашто сакаме да бидеме пример за добро владеење каде првиот чекор е ограничувањето на мандатот. Досега ниту еден претседател не „заседнал“ во удобната фотелја.
Без исклучок, сите директори и претседатели се стручни лица кои се експерти во спортски менаџмент и се дел барем од неколку интернационални спортски тела. Нашите лидери знаат да одговорат на мејл комуникација и се едни од најактивните на интернационалните настани организирани на високо ниво. Каква гордост е да бидеш застапуван од толку стручен и харизматичен лидер, експерт по речиси сите прашања во спортот. А не како што гледам во некои држави, некои од нив не знаат мејл да напишат ниту една реченица да срочат. Срамота за тие државички со такви директори.
Правата на спортистите се заштитени и тие не се предмет на политичка манипулација. По завршувањето на нивната кариера не се оставени да се снаоѓаат самите, напротив државата ги згрижува со стипендии, пензии или со работни места најчесто во војска или полиција. Не сме ние од тие земји каде спортистите патуваат на натпревар и по петнаесет часа во автобус па згора на тоа и преспиваат во автобусот за да се заштеди на изнајмување на хотелска соба за половина ноќ. И потоа јавно се шакинираат зошто делувале млитаво и ненаспано и не освоиле медал. Тешко на тие спортисти кои ја претставуваат државата што дозволува и не санкционира ваков третман.
Сосема заслужено, ќе завршам со пофалби за нашите најнови постигнувања. Имено, нашата држава е прва во регионот во иновации во спортот, развој на социјално претприемништво во спортот, спортската дипломатија, а и сите наши спортски настани се организирани во знак на поддршка на позитивни климатски промени. Можам и подетално да зборувам за воведувањето на виртуелната реалност чија технологија ја користат спортистите за да тренираат и да ги подобрат своите вештини во симулирана средина или пак градењето таканаречени одржливи стадиони кои се дизајнирани да користат енергетски ефикасни технологии и обновливи извори на енергија. Ете, толку сме амбициозни и напредни во спортот.
Слетуваме, се штрекнувам од бучниот мотор. Сон било, сфаќам и разочарано се враќам во суровата реалност. Прашањата од публиката уште висат во воздух, но одговорите исчезнаа во неповрат. Зарем јас сум единствената или има и други како мене кои сонуваат дека спортот кај нас конечно ќе дочека длабоки и суштински реформи и ќе се стави во функција на спортистите?
(Конференцијата на која презентирав беше посветена на заштитата на правата и безбедноста на спортистите, на борбата против злоупотребата и вознемирувањето во спортот и промоција на концепт на добро владеење, проследена со прашања и одговори од публиката. Како што предвидов, тоа беше клучниот дел од настанот)“.