Најтрофејниот македонски одбојкарски тренер и некогашен селектор на нашата репрезентација, Јошко Миленкоски, ќе се бори за титулата во грчкото првенство. Како предводник на солунски ПАОК, Миленкоски на коло пред крајот на регуларната сезона го обезбеди второто место на табелата и со тоа стартна предност пред полуфиналето од разигрувањето за титулата.
ПАОК завршува зад Олимпијакос кој е апсолутен фаворит за титулата и оваа сезона, а четата на Миленкоски ќе има тешка задача и во дуелите со Панатинаикос во полуфиналето на плеј-офот. Вториот атински состав ќе заврши трет и ќе добие најмалку три пресметки со ПАОК во полуфиналето.
„Главната задача ја завршивме. Сигурно сме втори и сега треба да почнеме со подготовка за полуфиналето на плеј-офот. Ќе играме со Панатинаикос, кој играчки е поквалитетен од нас иако завршува на 3. место. Ќе биде тоа тешка серија, се игра во три добиени, но спортски е да се надеваме на најдоброто. Ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар“, вели Милекоски.
Искусниот стратег оваа сезона седна на кормилото на ПАОК со кој стигна и до осминафиналето на Челинџ Купот, каде беше елиминиран од израелски Макаби ТА.