Коментар на 27. коло: И нема спас на Победа, “најфудбалскиот град“ останува без прволигаш, лидерот си “гази“, исто и Шкендија!

1765

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Она што се претпоставуваше уште пред стартот на пролетниот дел, по оние саботни 6:2 во Струга се чини дека сега и дефинитивно може да се каже дека и нема спас на Победа. Тимот кој цела пролет служи како “вреќа за боксирање“ е далеку, далеку од квалитетите кој треба да ги има еден прволигашки клуб.

Да, јасно е дека прилепчани заостануваат зад Скопје само -5 бодови, но „пиратите“ за нив се Реал Мадрид во однос на тоа што го пружаат тие оваа полусезона. И нема теоретски шанси Победа да го стигне Скопје па да игра бараж, а тимот од Автокоманда да се пресели во ВМФЛ.

Нема теорија…

Ако е така, а така е, тогаш “најфудбалскиот град“ во Македонија ќе остане без прволигаш, за жал на сите фанови во градот под Маркови кули, за жал и за сите оние кои добро знаат што значи и што значела Победа за мак – фудбалот.

Но кога нема никој во Прилеп да му текне да ја дигне Победа од пепелта, да ја преземе и да почне да финансира како што доликува, се случува ова.

Ужасно, страшно.

А Победа во саботата беше демолирана од лидерот, од Струга ТЛ. Секако дека беше сензација оние 0:1 во 19.минута, но само за тие што не ја гледаа оваа средба. Шанси, акции, зицери, Струга ТЛ без нервоза веднаш го сврте резултатот во своја корист за да на крај тој да гласи 6:2.

Лидерот си “гази“, но реално Струга ТЛ, или во најлош случај, има само +3 бода во однос на втората Шкендија. Имено стружани во текот на следното коло се слободни, па тетовци ќе имаат шанса со триумф над Брегалница во Штип да се приближат на само три бода. Се разбира дека тука е и Шкупи, кој изминатиот викенд беше слободен, а во недела гостува кај Тиквеш, па со победа и тој ќе се доближи до Струга ТЛ на само пет бода.

Ова значи дека до крајот може да се очекува голема битка за титулата. Се разбира дека сега Струга ТЛ очекува во недела и Шкендија и Шкупи барем да не победат.

Најавената “војна“ во Кратово меѓу Силекс и Брегалница заврши со 0:0, без победник. Ова реми повеќе им одговара на кратовци кои ја задржаа предноста од +3 бода во однос на штипските “сини“ за таа четврта позиција која може ќе значи и пласман во Европа, но има уште да се игра, а Горан Здравков и натаму е без пораз оваа пролет, исто како и Шпетим Дуро во Струга ТЛ.

Работнички со триумфот над Скопје во Велес заврши голема, голема работа и се чини дека и дефинитивно го избегна баражот. Сега “пиратите“ сакале – нејќеле ќе можат да ја “бркаат“ само А. Пандев која пак во Ѓорче во еден здодевен меч одигра само 0:0 кај Македонија ЃП.

Под Шара тимот на Шкендија уште еднаш одигра одлично, ја продолжи победничката серија и сега чека само кикс на Струга ТЛ, а и го чека оној дуел од претпоследното коло под Шара кога се среќаваат овие две екипи.

Рековме веќе, допрва ќе се „вжештува“ битката за титулата, ќе биде многу, многу интересно.

ПретходноБарселона останува без Серхи Роберто повеќе од еден месец
СледноСкандал во Аргентина: Зарем ова е пенал, ни ВАР не “помогна“! (ВИДЕО)