Пред почетокот на паузата поради ЕХФ-неделата, ќе се одигра 11. коло во плеј-оф и плеј-аут лигите во домашниот шампионат.
За денеска се закажани три меча, а во центарот на вниманието е мечот во Автокоманда. Таму Алкалоид е домаќин на Охрид (19 часот). Дебитантот ја држи третата позиција на табелата со скор од седум победи, реми и само два порази. Избраниците на Кирил Лазаров со победа или пораз не поголем од шест разлика ќе стават печат на оваа позиција која носи европски предизвик. На другата страна охриѓани имаат четири победи и шест порази, во Скопје доаѓаат мотивирани посакуваат реванш за поразот на домашен терен.
Први на теренот во многу ран термин ќе истрчаат Вардар и Пелистер 2, дуелот е закажан во 13 часот во СЦ „Јане Сандански“. Првиот тим на Пелистер исто е гостин во Скопје и тоа кај Пролет, меч кој стартува во 19 часот.
За Вардар и Пелистер, единствените кандидати за титулата, овие средби ќе бидат загревање пред директната пресметка за тронот во Битола. Ракометарите на Пелистер беа во речиси изгубена ситуација по поразот во Скопје, но Алкалоид ги врати во живот, откако на домашен терен приреди сензација и го совладата актуелниот македонски првак.