✍️ Марија Ковачева
АБА-лига, за нас Македонците важеше за модел кога станува збор за натпреварување кое е тешко достижно. Само еден тим, а тоа е МЗТ Скопје, успеал да биде дел од јадранското друштво, да ги мери силите со големите екипи од регионот.
Овој факт некако не боли сите, уште повеќе боли што од следната сезона МЗТ Скопје ќе се сели во АБА2-лига, па Македонија повторно нема да биде во друштвото на најдобрите.
Но, како одминува сезоната, се погласно се поставува прашањето дали навистина еден клуб од Македонија треба да жали што не е дел од АБА-лига, дали навистина вреди да се става во трошоци (македонските клубови на расплагање немаат буџети како другите тимови во регионот) и да ги фрла парите во бунар?
Јадранското натпреварување покажа дека работи според системот на калкулации, се плетат мрежи кои тешко може да ги сфатат малите клубови.
Раководството на ова натпреварување падна длабоко во очите на оние кои добро ја познаваат кошарката, па и начинот на кој функционираше ова натпреварување.
Не е само МЗТ Скопје, кој по своја, но и друга „математика“ на крајот мораше да се збогува со елитата. Списокот од ден на ден ќе се зголемува, а клубовите ќе станат уште погласни.
АБА-лига првата техничка грешка ја направи во последното коло, добро е познато дека во сериозните лиги, а АБА се смета себе си за таква, кога има решавачки мечеви, во случајот за опстанок, истите мора да се играат во ист ден и во исто време. За ова не требаше воопшто да се дискутира, бидејќи во спротивно крајниот исход нема да биде релевантен.
И додека дел од Македонците го напѓаат својот, единствен, македонски претставник во АБА-лига, дел ги триеја рацете оти испаднал, потврда за регуларноста на оваа лига дојде синоќа.
Прв се јави еден тим како што е Црвена Звезда. Во Подгорица имаше нов циркус, овој пат случјано или не, цехот го плати Будуќност. Да, тимот кој оваа сезона првиот домашен пораз го претрпе од Борац Чачак, дирекниот конкурент на МЗТ Скопје за испаѓање од лигата, а вториот од Партизан.
На тапет беа судиите, оние кои најмалку треба да играат главна улога на теренот. Раководството на Црвена Звезда дека на вчерашните делители на правдата не им е првпат да ги „решаваат“ спорните натпревари, тие побараа истите да бидат иземени, бидејќи во спротивно нема да играат ниту плеј-оф, ниту финале, секако ако стигнат до истото.
Оттука сакале или не, полека ја губиме вербата во АБА-лига, бидејќи таму за жал работите почнаа да се решаваат на маса, а не на терен.
Лигата која важеше за една од најстабилните го губи сјајот, па и интересот, бидејќи никој не сака да игра цела сезона, за да на крајот „пајакот“ да ја сплети мрежата која него му одговара.
Сето ова води кон едно: Сите стресови, патувања, воздишки, разочарувања, најважно потрошено време…биле залудни. Денеска е МЗТ Скопје, утре Црвена Звезда, за некој ден, недела…ќе биде некој друг тим кој ќе настрада од „калкулациите“.
Жртвите се големи, па прашањето е едниствено: Дали навистина вреди да се биде дел од ваква АБА-лига?