По цели 13 години повторно 0:0 кога станува збор за дуелите меѓу Партизан и Ц. Звезда одиграни на стадионот на “црно – белите“. Попладнево се одигра вечното дерби бр.170, и тоа пред празни трибини поради казната на Партизан, празни беа и мрежите. Имаше шанси на двете страни, се играше допадлив фудбал, но ова дерби е познато по атмосферата која ја прават “гробарите“ и “делиите“, а без нив како да не беше ова дерби, вечно дерби.
Ова дерби воопшто немаше резултатска важност за Ц. Звезда ако се знае дека „црвено – белите“ пред две кола ја освоија шестата титула во серија, од друга страна Партизан мораше да победи за да остане во игра за таа втора позиција која носи пласман во ЛШ.
Но, ете, на крајот и двете екипи мораа да се задоволат само со по бод.
И секако, кога играат овие две екипи мора да има тензии, така беше и овојпат, но за среќа од тие тензии и меѓусебни кошкања не се изроди поголем инцидент.