Поранешниот македонски репрезентативец, Владо Илиевски, денеска и официјално е именуван на функцијата спортски директор на еден од најдобрите клубови на екс-ју просторите, словенечка Цедевита Олимпија.
„Владо Илиевски е новиот спортски директор на Кошаркарскиот клуб Цедевита Олимпија. Поранешниот врвен кошаркар, кој во својата кариера ги носеше дресовите на Партизан, Барселона, Лотоматика, Тау Керамица, Ефес, Нимбурк, Цедевита Загреб и Олимпија Љубљана, е на функцијата спортски директор наследувајќи го Сани Бечировиќ, кој го напушта клубот по четири сезони“, објавија од Цедевита Олимпија.
Илиевски во 2017 година се прости од кошарката, а во последните години беше и претседател на Кошаркарскиот клуб Илирија.
„Задоволен сум и среќен што овојпат во малку поинаква улога се враќам во клубот кој ми даде многу и кој беше отскочна даска за мојата кариера. Заедно со сите мои колеги во клубот ќе ја дадам сета моја енергија и амбиции да испишам успешна приказна“, изјавил Илиевски.