Еуфоријата наречена „Саудиска Арабија“ која ја зафати европската сцена, според Станис Елсборг, висок аналитичар во „Play the Game“, кој работи на промовирање на демократијата, транспарентноста и слободата на изразување во светскиот спорт има само една цел – Саудиска Арабија да го добие Светското првенство во 2030 година.
„Нема сомнеж дека Саудиска Арабија е заинтересирана да го донесе Светското првенство во земјата. Тие имаат многу спортски настани во наредните години, па дали СП ќе се игра кај нив во 2030, 2034 или 2038 година не им е толку важно. Но, нема сомнеж дека оваа надградба на националната фудбалска лига е сигнал и до ФИФА и врвните фудбалски менаџери дека сакаат фудбалот да дојде кај нив на највисоко ниво“, смета Данецот.
Саудиска Арабија веќе беше поврзувана со организација на Светското првенство во 2030 година, но останува непотврдено дали земјата и официјално се кандидирала за домаќин. Државниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија, Фондот за јавни инвестиции, кој веќе е сопственик на Њукасл, сега е и мнозински сопственик во клубовите Ал Итихад, Ал Хилал, Ал Ахли и Ал Наср, кои почнаа со трката по светските фудбалски ѕвезди кои ги носат во С. Арабија.
„Одеднаш стана многу јасно дека тоа е државен проект за раст на фудбалската лига на Саудиска Арабија. Покрај преземањето на клубовите од Фондот за јавни инвестиции, некои други клубови исто така добија државни сопственици, како на пример нафтената компанија Арамко, која исто така има големо богатство. Тие што купуваат играчи, всушност се самата државата, така што едноставно таа не може да се раздвои од клубовите. Ова е државен проект и многумина веќе се плашат дека овде имаме шминка со спортски инвестиции, на сметка на имиџот на земја во која има големи проблеми и прекршувања на човековите права“, заклучува данскиот аналитичар.