Шиков: Украинците можат да трчаат „со денови“, мора да сме физички на највисоко ниво

1490

Вечерва македонската фудбалска репрезентација на Арената Тодор Проески во Скопје го игра вториот квалификациски дуел од актуелната кампања. По стартниот успех против Малта од 2:1, сега ни следува првиот сериозен предизвик во името на Украина.

Репрезентација која што е „ранета“ од се што се случува во таа земја, и која што на терен истите тие проблеми може да ги преточи во сериозно квалитетна изведба. Тоа се случи пред неколку дена на пријателскиот меч против Германија, каде украинците покажаа и ефикасност, и желба и борба.

Токму ова последново никогаш и не им недостасувало. Украина како типичен претставник на таа источна фудбалска школа ја краси пред се силен ритам, дуел игра и нормално физички капацитет до бесконечност што се вели.

Еден од оние неколкуте кои и тоа како добро го познаваат украинскиот фудбалски менталитет е Ванче Шиков. Некогашниот македонски репрезентативец мина неколкус сезони во украинскиот шампионат во дресот на Волин каде настапуваше од 2011 до 2014 година.

„Од оваа временска перспектива можам да го кажам следново што се однесува до украинската репрезентација, и воопшто фудбал. Истиот ниту е сменет ниту ќе се смени. Украинските играчи се сериозно физички подготвени. Во наш жаргон кажано, можат да „трчаат три дена“. Токму затоа ние вечерва мора најпрво физички да одговориме на највисоко ниво. Тука е клучниот момент според мене. Украина не е атрактивна како колектив, но е многу силна. Од друга страна пак, поединци од кај нив играат во најдобрите светски клубови, тоа секако кажува нешто друго. Дека можат со еден потег да го решат мечот. Но ајде да се надеваме дека вечерва нема да им оди ништо како што посакуваат и тоа ние да го искористиме.“ – вели Ванче Шиков за Спортмедиа па додава.

„Секој почеток на кваификации е тежок. Ние добро е што ја победивме Малта, за бодови за самодоверба, тоа е супер. Сепак, за разлика од тој дуел, денеска не очекува многу тежок противник. Меч во кој ќе одлучат нијанси, една шанса, еден потег….“додава некогашниот дефанзивец па поентира.

„Да, ситуацијата во Украина во моментов е навистина лоша, и тоа секако дека влијае и на репрезентацијата но ете, како што и самите гледаме, тоа резултатски ете не се чувствува. Фудбал таму се игра и понатаму, и покрај тоа што војната уништи речиси се во оваа земја, шампионатот продолжи и се играше доста квалитетен фудбал. Украина има сериозни клубови и фудбалски школи кои происведуваат сериозно квалитетни млади играчи,  тоа не може да не исплива на површина“ – потенција Шиков.

 

ПретходноОд Скопје си заминаа Најдоски, Димов, Митев…
СледноМЃП донесе искусно крило од Бугарија