Одбојкарите ќе бидат ослабени: Без Ѓорѓи Ѓорѓиев на утрешниот дуел со Украина

248

Македонската одбојкарска репрезентација утре против Украина треба да го одигра последниот меч од Европската Златна лига на ЦЕВ. Во рамките на последното 6. коло од групата „Б“, во Скопје доаѓа апсолутниот фаворит, кој со пет максимални победи веќе обезбеди место на Ф4 турнирот во Хрватска, каде патем, ќе биде и прв фаворит за златото.

Селекторот Јошко Миленкоски на утрешниот дуел, по се изгледа, ќе остане без првиот техничар Ѓорѓи Ѓорѓиев, кој заработи повреда на средбата со Хрватска во средата и мали се шансите за негов настап на утрешниот дуел.

„Ѓорѓи доби повреда на коленото. Беше на потштеда деновиве, вчера проба малку на тренинг. Ќе видиме како ќе мине на последниот тренинг вечерва, но мислам дека мали се шансите за негов настап. Можеби и најдобро е да не ризикуваме, со оглед на тоа што не чека Европското првенство за некој месец, па од голема важност е тој да биде со нас во тимот“, вели селекторот Миленкоски.

За дуелот со Украина, Миленкоски напоменува дека не чека можеби најтешкиот, но воедно и најслаткиот меч во групата. Украина како супер-фаворит доаѓа во Скопје, што ќе биде посебен мотив и за одбојкарите и за публиката.

„Одамна во Скопје не сме имале како противник една селекција од ваков калибар. Украина е меѓу ТОП 8 во Европа и светот. Овој меч ќе биде посебна инспирација и за одбојкарите и за навивачите“, дополни селекторот.

Дуелот со Украина се игра утревечер во 20.15 часот во СЦ „Борис Трајковски“.

ПретходноБањаја со пол-позиција и во Германија!
СледноЕП квалификации: Босанците во (не)возможна мисија во Лисабон