Со трет, досега и најубедлив пораз, македонската женска одбојкарска репрезентација го заврши настапот во Европската Сребрена лига. Дебитантското учество на сениорките, за жал, беше запечатено со исклучително висок пораз од фаворизираната Австрија, која во ниту еден од трите сета не ни даде шанса да се понадеваме на подобар резултат.
Австрија на крајот славеше со 3:0 (25-15, 25-17, 25-7) и не ни дозволи да дојдеме макар до првиот европски сет во ова силно натпреварување. Дамите по подолга пауза им се вратија на европските настапи, а во шесте меча во групата не успеаја да освојат ниту еден сет. Бевме блиску до прва радост на мечевите во Скопје, но данокот на нескуството си го направи своето.
Избраничките на Срефан Пауновиќ, сепак, со пристапот, особено на оние три домашни средби, потврдија дека оваа селекција со многу почести европски „излети“ може да дојде и до подобри резултатски остварувања. На денешниот дуел со Австрија во нашиот тим Љиља Ковачевиќ освои 6 поени, додека по 4 имаа Стојановска и Терзиевска.
ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА 2023
6 КОЛО
Австрија – Македонија 3:0 (25-15, 25-17, 25-7)
Летонија – Естонија 0:3 (16-25, 23-25, 23-25)