Виктор Давидовски имаше борбено издание во првата од двете трки кои се возеа на Хунгароринг овој викенд, а се бодуваат за ТЦР Светската серија и за првенството на ТЦР Европа.
Откако во првата трка беше пласиран на четврто место, по голем дуел со Италијанецот Чекон, македонскиот автомобилист за втората трка информираше дека имал подобрен сет-ап на возилото и очекувал да биде уште поконкурентен, но беше инволвиран во инцидентот кој се случи на патеката.
Урутија беше казнет за предизвикување на судирот, по што Борковиќ и Михелис се извртеа на патеката.
„Кога го видов Михелис пред мене се обидов од петни жили да избегнам да го удрам, или барем да не го удрам во пределот на вратата за да не му нанесам повреда. Мислам дека успеав во тоа, но сепак неговиот автомобил ме поткачи и ми го скрши тркалото. Тоа беше силен удар, а јас силно сопирав за да застанам, по што знаев дека ќе има карамбол и дека другите возачи зад мене нема да ме видат во облакот од прав. Потоа, само го пуштив воланот и се обидов да се заштитам“.
Тимот од Белгија во моментов работи на скенирањето на штетата, при што главната грижа е потребата од менување на шасијата.
„Можам само да жалам бидејќи уште еднаш оваа сезона бев спречен од малерозни околности да го дадам својот максимум. Во Португалија бев удрен, во Франција ми пукна гума. Имавме солидно унапредување на штелувањето на возилото и тоа се покажа со освојувањето на второто место во трката за ТЦР Светската серија од страна на тимскиот колега Хаф, како и победата на тимскиот колега Паувелс во ТЦР Европа. Моја цел е да ги соберам потребните бодови за да можам да учествувам на завршниот настан, таканареченото „финале на сезоната“ во Џеда, Саудиска Арабија, а притоа да ги повторам минатогодишните успеси во ТЦР Европа“, вели Давидовски.
На табелата во ТЦР Европа сега Давидовски е на петтата позиција со 159 бода. Петтиот гран при викенд се вози на патеката „Пол Рикар“ во Франција, каде што ќе има две трки на 22 и 23 јули, а Давидовски минатата година таму ја славеше првата победа во европското првенство.