Андреас Трајковски победник во скок во далечина на Европското екипно првенство- 3 дивизија (ВИДЕО)

688

Утрово на Европското екипно првенство (трета дивизија) кое се одржува во Силесиа, Полска, нашиот атлетичар, Андреас Трајковски, го освои првото место во скок во далечина со скок од 7.73 метри. Овогодинешниот победничкиот скок е за 6 сантиметри пократок од националниот рекорд на Андреас кој го постигна на митингот во Калитеа (Грција) оваа година.

Трајковски својот најдобар скок, 7.73 метри, го оствари во неговиот втор обид. Во првата серија доскокна 7.47 метри, вториот и третиот обид му беа неуспешни, додека во последните две серии оствари резултати од 7.25 и 7.49 метри. Со првото место Андреас освои максимални 15 поени за атлетската репрезентација на Македонија, кои ќе влезат во генералното бодување на сите држави учеснички во оваа дивизија.

Покрај Андреас Трајковски, на пиедесталот се најдоа Ишаи Ифраимов од Израел, кој го освои второто место со скок од 7.70 метри, додека пак третото место му припадна на Мухамет Кангели од Албанија со скок од 7.36 метри.

Претходно Андреас настапи во дисциплината на 100 метри, каде истрча за време од 10.81 секунди и ја освои петтата позиција.

Македонската штафета на 4 х 100 метри, во состав: Андреас Трајковски, Огнен Стефановски, Михаил Петров и Јован Стојоски постави нов национален рекорд од 41.75 секунди и го освои 5-то место (11 бодови за репрезентацијата). Досегашниот рекорд изнесуваше 42.86 секунди поставен во 2012 година, во состав Пандев, Ефремов, Ајдраво и Голубиќ.

Денеска свои настапи имаа и Михаела Лазаровска во дисциплината скок со стап, Стефан Стефановски во фрлање диск, Сара Османовска на 100 метри со пречки и во трискок, Ирма Хајдари на 800 метри со пречки, Леонид Вандевски на 1500 метри, Дрита Ислами на 400 метри со пречки, Огнен Стефановски на 400 метри со пречки, Марјан Нојковски во дисциплината фрлање кладиво како и машката и женската штафета на 100 метри.

ПретходноГостивар го потврди Анид Абази
СледноСимеоне ќе добие нов договор од Атлетико Мадрид