Младинците ја победија Црна Гора на првата контрола во Подгорица

227

Добар старт на вториот дел од подготовките на нашата машка кошаркарска селекција до 20 години. На првиот контролен натпревар од оваа фаза од подготвителниот период во Подгорица, Македонија беше подобра од Црна Гора, славејќи убедливо со резултат 82:67.

Црногорците беа подобри во првото полувреме. Во воведните десет минути се стекнаа со водство, и тоа солидно, според прикажаната игра (22:14), а имаа предност и на полувремето, 42:36.

Но по големиот одмор, одлична игра на нашите млади кошаркари. Одигравме пред се, многу подобро во одбраната. Го сведовме ривалот на само 12 поени, дадовме двојно повеќе, 24, за резултатски, но и играчки пресврт.

По три одиграни четвртини Македонија водеше со 60:54.

Но, тука не застанаа избраниците на селекторот Никола Василев. Во исто темпо ги одигравме и последните десет минути во кои ја потврдивме добрата игра со висока победа. Во 35. минута од играта веќе бевме во позитива од 13 поени (72:59), која до крајот на „контролата“ ја зголемивме.

Андреј Митревски со 16 поени ја предводеше „четворката“ двоцифрени кошаркари, во коа влегоа Шошкиќ и Мемед (реализираа по 14), Петков заврши со десет поени, а блиску до дабл-дабл ефект беше Симиќ, кој даде девет поени и собра десет топки под двата коша.

Утревечер, во исто време (18.30 часот), на исто место, двете национални селекции на Македонија и Црна Гора ќе одиграат уште еден пријателски натпревар.

ПретходноУнион Берлин е на чекор до реализација на најголемиот трансфер во клупската историја
СледноНајдобриот стрелец во историјата на Гана денеска замина во пензија