Најпознатиот австралиски кошаркар Бен Симонс нема да биде дел од „кенгурите“ на претстојниот Мундобаскет кој од 25 август до 10 септември ќе се одржи во Јапонија, Индонезија и на Филипините.
Кошаркарот на Бруклин Нетс во договор со клубот решил да го откаже настапот за репрезентацијата за да се одмори и што е можно подобро да се подготви за следната сезона, за што информираат од Кошаркарскиот сојуз на Австралија.
Симонс дојде во НБА во 2016 година како прв пик на драфтот. Тој беше избран од Филаделфија. Следните шест години ги помина во тој клуб, а потоа се пресели во Бруклин Нетс.
Во отсуство на Симонс, Австралија ќе ја предводи неговиот соиграч од Бруклин, искусниот Пети Милс, а тука ќе бидат и поранешните и сегашните играчи на Партизан Џок Ландејл и Данте Ексум.
„Кенгурите“ се сместени во групата Е на Мундобаскетот заедно со домаќинот Јапонија, Финска и Германија. Австралија го освои четвртото место на последниот Мундобаскет одржан во Кина во 2019 година.