Шпанскиот кошаркарски состав Сан Пабло Бургос направи историски подвиг и ја освои кошаркарската Лига на шампиони на ФИБА двапати по ред.
Шпанскиот тим кој започна да се натпреварува професионално во 2015 година, ја освои титулата во кошаркарската Лига на шампиони минатата сезона во своето деби во европските натпреварувања, а сега го повтори успехот и со втора титула во низа.
Шпанците славеа во денешното финале на завршниот турнир во руски Нижни Новгород против Пинар Каршијака со 64-59. Сан Пабло Бургос влезе во историјата, бидејќи станаа првиот клуб кој освоил две титули во Лигата на шампиони на ФИБА.
Бените со 15 поени беше најдобар кај шампионите, додека кај Каршијака М’Баје постигна 17.