По речиси два месеци пауза, денеска стартува новата сезона во ПМФЛ, бр.32 во самостојна Македонија. Значи фудбалот се враќа на домашната спортска сцена, оној елитен, прволигашки.
Ако лани имаше 11 екипи, оваа сезона ПМФЛ ќе биде комплетна, со 12 екипи. Со еден дебитант а тоа е тимот на Воска Спорт, со повратник во името на Гостивар, и секако по две години пауза Вардар повторно е дел од елитата. Што му дава посебен шмек на првенството.
Познато е дека летниот преоден рок трае до крајот на овој месец па клубовите може да се засилат, но со она што сега располагаат, со амбициите и квалитетот, можеме да кажеме дека шампионот Струга ТЛ и Шкупи се екипите кои се најсериозни кандидати за титулата. Шампионот ќе ја брани а чаирчани, кои имаат исклучително квалитетен состав, ќе ја напаѓаат.
Интересно, Шкендија речиси никој не ја споменува како еден од најголемите кандидати во битката за титулата. А се знае и зошто. По катастрофално одработениот преоден рок и по онаа бламажа во Европа, иако е клуб со најголем буџет во ПМФЛ, Шкендија нема тим за највисоки дострели. Првите “оперативци“ добија отказ, па сега ќе треба време некои работи да се поправаат во од.
Работнички е фаворит од сенка, и само поради фактот дека има одличен тим за наши услови, и младост и искуство, и репрезентативци. На пријателските мечеви не блескаше, но којзнае, можеби тоа е дел од тактиката. Без разлика на се, Работнички може да биде опасен и тоа како.
Брегалница, Силекс, Македонија ЃП и Тиквеш се екипите кои се во онаа “втора четворка“ од која може да се очекува исто како и во минатите сезони, да бидат тука некаде, од 3. до 8.место на табелата. Што се вели ни многу горе ни многу долу.
Објективно сите овие екипи играчки се за нијанса нешто послаби од лани, вака на прв поглед. Сепак да оставиме простор и за изненадувања.
Вардар, Брера Струмица, Гостивар и Воска Спорт се екипите кои не можеш во детали да ги анализираш за тоа какви им се можностите. Вардар има “име и презиме“ ,фановите имаат големи очекувања, но едно се желбите а сосема друго можностите. Овој потенцијал на Вардар не влева доверба дека оваа сезона можат да се направат големи нешта.
Брера Струмица или А. Пандев има амбиции, има младост, има веројатно и потенцијал, но….
Гостивар е можното големо изненадување. За наши услови има одличен тим, одлично одработен преоден рок. Пеколно тешко ќе му биде на секого проти овој тим.
На крај и за дебитантот, за Воска Спорт или за „црногорската Воска“. Тренер Црногорец и уште четири играчи ангажирани од таа земја. Многу работи ќе зависат од стартот за овој клуб. Ако не тргне работата по тие стартни неколку кола, тогаш клубот од Охрид ќе си има проблеми. Секако дека не е исто да играш во ПМФЛ и во ВМФЛ.
На крај покрај сите проблеми, стадиони, терени, пари…време е за домашен фудбал. Нека биде се “чесно и поштено“, нека победи фудбалот, нека победуваат тие што ќе бидат најдобри.