Одбојкарите добија слободен ден, од утре заеднички тренинзи со Јапонците

135

Македонската одбојкарска репрезентација го заврши мини-циклусот од подготовките со три контролни средби во Кавадарци, по што денеска се сели во Скопје. Нашите одбојкари во неколкудневниот престој во салата „Јасмин“ одиграа две пријателски средби со селекцијата на Израел и еден контролен дуел со репрезентацијата на Јапонија, со скор од една победа и два порази.

Селекторот Миленкоски им даде слободен ден на репрезентативците, кои веќе утре се враќаат во сала со тренинзи и подготовки.

„Поминавме добар циклус во Кавадарци, одигравме три силни пријателски средби во кои имав можност да видам комплетно со какви сили располагаме за Европското првенство. Особено на последниот дуел со Израел кога почнавме со момците кои се најчесто на клупата и кои добија шанса за поголема минутажа. Сега не очекува завршниот период во Скопје. Во следните денови од вторник до четврток ќе работиме заедно со репрезентацијата на Јапонија, која е една исклучително квалитетна репрезентација. И тие се со нас во Скопје и ќе имаме заеднички тренинзи и некои спаринг дуели кои можат да ни бидат многу корисни. Потоа од петок до недела следува Меморијалот ’Чајка’ и последните три контролни дуели кои мора да ги искористиме максимално како генерална проба пред европското првенство“, вели селекторот на нашата репрезентација, Јошко Миленкоски.

Македонија од петок до недела ја очекуваат три силни дуели на Меморијалниот турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“ против селекциите на Јапонија, Египет и Грција.

ПретходноИталија ги одбра 12-те кошаркари за Мундобаскетот
СледноИнтер го враќа Марко Арнаутовиќ на „Меаца“