Со натпреварот меѓу Вердер и Баерн (М) вечерва започнува новата сезона во германската Бундеслига. По една од најдобрите трки за титулата во последниве години која се одигра на крајот на минатата сезона, главното прашање е дали конечно ќе се најде „јунак“ што ќе го симне баварскиот гигант од тронот. Баерн минатата сезона ја освои 11-та последователна титула во Бундеслигата, а годинава оди на нов рекорд.
Борусија Дортмунд минатата сезона за „влакно“ не успеа да ја освои титулата, но прашање е дали оваа сезона без најголемата ѕвезда во тимот Белингем, „милионерите“ ќе бидат способни за нешто слично. Втор сериозен противкандидат за баерн ќе биде РБ Лајпциг, кој се стреми да го подобри пласманот на третото место од минатата сезона. Тимот на Марко Роуз уште на Суперкупот пред седум дена покажа дека ќе биде голем залак и за најдобрите во Европа.
Меѓу оваа ТОП „тројка“ во битката за Европа ќе се вмешаат и Унион Берлин кој има годинава дебитантско учество во Лигата на шампионите, како и подеднакво импресивниот Фрајбург, кој очекува уште една одлична сезона. Тука се и Баер Леверкузен на Чаби Алонсо како и секогаш незгодните и изненадувачки ориентирани Ајнтрахт Франкфурт, Борусија Менхенгладбах и Волфсбург.
Добрата вест за навивачите на Баерн Минхен е дека симулациите на суперкомпјутерот на Опта и оваа година ги оставаат како први фаворити за освојување на 12-та последователна титула во Бундеслигата. Низ 10.000 симулации направени пред стартот на сезоната, Баерн ја освоил лигата во повеќе од половина од нив – 52,4%.